И годинава ќе има „училишна кошничка“: Владата ќе го спречува поскапувањето на школскиот прибор
И годинава ќе има „училишна кошничка“ – мерка со која треба да се спречи поскапување на школскиот прибор пред почетокот на учебната година.
Министерот за економија Дурмиши денеска ќе ги договори деталите со трговците.
Најверојатно ќе се применува истиот модел како минатата година – намалување на цените за најмалку 10 проценти на големо и 15 проценти на мало.
Предлогот потоа ќе патува до Илинденска. Премиерот Мицкоски потврди дека одлука ќе се носи на првата наредна седница.
„Да, ќе има и во вторник на владина седница ќе донесеме одлука“, рече Мицкоски.
На списокот повторно ќе бидат најпотребните работи за училиште – од ранци и тетратки, до пенкала, моливи, боички и фломастери...
Мерката се применува две години по ред, а според надлежните, им овозможила на семејствата да заштедат околу 2.000 денари по ученик.
Сепак, првиот школски ден и натаму носи солидна сметка. Математиката на Сител покажа дека за основна опрема на едно прваче потребни се најмалку 5.000 денари. За оние кои сакаат покомплетен прибор трошокот може да стигне и до 10.000 денари.
А школските трошоци доаѓаат во момент кога семејствата веќе плаќаат поскап живот. Според Сојузот на синдикати, минималната кошница во август се приближи до 69.000 денари – над 3.000 денари повеќе од лани.
Најмногу пари и натаму одат за храна и пијалаци. За оваа ставка се потребни околу 25.000 денари месечно. Значаен дел од буџетот оди и за образование, домување и сметки, а растат и трошоците за транспорт.
За четиричлено семејство транспортот годинава чини 5.175 денари месечно, речиси 500 денари повеќе од лани.
Ако семејството живее под кирија, тогаш ќе му бидат потребни најмалку 84 илјади денари за да го истурка месецот.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
