Чадот од пожарите го загрозува здравјето - најчувствителни се децата и хронично болните
Пожарите на отворено не се опасност само за имотот и животот, туку сериозно го загрозуваат и здравјето на луѓето. Институтот за јавно здравје предупредува дека чадот може да се пренесува на големи растојанија, а најголем ризик, како што велат, се ситните честички ПМ 2,5 кои навлегуваат длабоко во белите дробови. По бројните пожари кои се присутни изминатиот период, ИЈЗ објави препораки за граѓаните. Ги советуваат да го ограничат престојот на отворено во подрачја каде во близина има пожар, да избегнуваат физички напор и да ги затворат прозорците. Како што објаснуваат од Институтот, најчувстивтелни на чад се децата, бремените жени, старите и хронично болните.
„Службите од институциите, реагираат навремено. Досега, не сме имале ситуација каде што има граѓани на кои им е загрозен животот или здравјето. Секако, треба да ги практикуваат оние веќе познати препораки“, изјави Марија Андоновска, Директор на Институт за јавно здравје.
Во меѓувреме, пожарникарите, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и денеска работат на гасење на повеќе пожари. Гори во Мариовско, Студеничани, Македонски брод и Липковско. Најсериозен е пожарот кај Никуштак и Матејче, таму, само вчера, авионите на ДЗС истуриле над 80 тони вода.
„Постои можност денеска да ги загрози и блиските села, но и таму ќе концентрираме доволно луѓе, доволно опрема за одбрана на селата. Овие се живи села, полни со луѓе и нивната одбрана вообичаено е полесна затоа што нема висока вегетација, имаме чисти дворови, а и луѓето можат да помогнат“, изјави Стојанче Ангелов, Директор на Дирекција за заштита и спасување.
Поради зголемениот обем на летови на полициските хеликоптери за гасење и надгледување на состојбата, МВР најави ригорозни казни за сопствениците на дронови. Таквите беспилотни летала, како што велат, ја загрозувале операција за гасење и безбедноста на екипажот на хеликоптерот.
„Во ниту еден случај не смее да се управува со дрон во насока кон хеликоптер, да се приближува до него, да се следи неговото движење или да се снима од непосредна близина. Ризикот е дополнително зголемен при операции за гасење пожари кога хеликоптерите летаат на мали височини, во услови на чад и намалена видливост“, изјави Гоце Андреевски, Портпарол на МВР.
Во изминатото деноноќие, на територијата на државата регистирани се 40тина пожари.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
