Македонија
24. August 2026 - 16:37

Дизелот надмина 101 денар, растат цените и на бензините

Дизелот надмина стотка, поскапуваат и бензините. Регулаторната комисија ги објави новите цени на горивата. Од полноќ, дизелот оди нагоре за 3 и пол денари и ќе се точи по 101,5 денари по литар. Бензините ќе се продаваат за денар и пол повеќе. Еуросупер БС-95 ќе биде 93 денари, а 98-октанскиот 95 денари.

Од Регулаторна објаснуваат дека „референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување и тоа во просек: кај бензините за 3,7%, а кај дизелот за 4,8%. Курсот на денарот во однос на доларот е понизок за 0,5%“.

Сител пресмета колку ќе ве чини просечен полн резервоар од 50 литри по новите цени. Ако возите на бензин ќе платите 75 денари повеќе. Ако возилото ви е на дизел, тогаш полнење до врв ќе ве чини нешто над 5 илјади денари, односно 175 денари повеќе.

Од СДСМ велат дека поскапувањето нема да остане само на бензинските пумпи.

„Следува поскапување на храната и другите производи што граѓаните ги купуваат секој ден. Затоа ова не е само проблем на возачите туку удар врз буџетот на секое македонско семејство. Граѓаните скапо ги чинат неспособноста и промашувањата на Христијан Мицкоски“, пишуваат од опозициската партија.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, возврати: „Во времето на СДС, Македонија беше прва во делот на највисока инфлација и една од државите во регионот со највисока цена за литар гориво. Денес, имаме најниски цени за горивата и енергенсите, а исто така имаме и една од најниските инфлации во регионот и пошироко. Разликата е повеќе од евидентна“.

Ова е првпат по неколку години дизелот да надмине сто денари. Во екот на енергетската криза предизвикана од војната во Украина, најскап дизел се точеше при крајот на јуни 2022 година, кога цената достигна 110 денари по литар. Тогаш бензините беа поскапи од дизелот. Во тој период на берза суровата нафта се тргуваше по 111 долари по барел. Денес на светските пазари нафтата е околу 93 долари.

За ублажување на ценовниот удар, се уште во сила се намалените акцизи – за 2 денари кај бензините и 4 денари кај дизелот.

Министерката за финансии Кочоска минатата недела рече дека нема голем простор во буџетот за дополнителни мерки. Скратените акцизи се компензираат со поголемата потрошувачка од соседите.

Повисоките цени неминовно ќе влијаат и на инфлацијата, а власта очекува да остане во рамки на предвидените 4.5%.