Артан Груби седна на обвинителната клупа, судењето одложено за 7 септември
Артан Груби на седми идниот месец треба да каже дали се чувствува виновен за злоупотребата на 8 милиони евра во Државна лотарија. Тој седна на обвинителната клупа, но почетокот на судењето се одложи. Судот денеска им ги даде доказите на адвокатите, па добија рок од две недели да спремат одбрана за обвинетите.
Груби кој е во куќен притвор, беше донесен со полициска придружба, но наместо на главниот влез, беше спроведен преку гаражата на судот и влезот кој го користат вработените. Во судницата, дојде со двајца адвокати. Покрај Гоце Ристески, ќе го брани и Владимир Доневски кој беше адвокат на поранешниот генерален секретар на владата, Драги Рашковски.
Освен Груби, за штетата од над 8 милиони евра, се обвинети уште седуммина. Првообвинетиот, Прпарим Бајрами како поранешен директор на Лотарија, е во бегство, па на денешното судење, се појави само неговиот адвокат. Нивната одбрана не сакаше да го коментира случајот – прво сакале да ги видат доказите кои во картонски кутии, денеска ги земаа од судницата.
Ќе им се суди и на поранешниот генерален секретар на владата, Методија Димовски, како и на членовите на надзорниот одбор на државната лотарија. За сите, обвинителството најави дека поседува обемен доказен материјал – злоупотребата на службената положба ќе ја докажува со 231 материјален доказ, а ќе бидат повикани и седуммина сведоци. Изведувањето на доказите според обвинителството, нема да трае долго.
„Материјалните докази со исклучок на вештачењето, ќе ги изведам на едно рочиште. За вербалните ќе требаат две до три да завршиме, со оглед дека и одбраната ги има предложено за сведоци во директно испитување“, изјави Даниел Коцев, Јавен обвинител.
Случајот го води судијката Билјана Шуплиноска-Јовески, која денеска кажа дека има намера да се одржуваат по две рочишта неделно. Закажа термини за следните два месеци, па до крајот на октомври е предвидено да се одржат вкупно 13 судски рочишта.
Груби и другите обвинети се соочуваат со затворски казни до пет години. Иако обвинителството во текот на истрагата ги гонеше за проневера во службата за кое дело се предвидени високи затворски казни, по затворање на истрагата, од обвинителтвото објаснија дека обебедените докази укажале дека лицата ја злоупотребиле службената положба.
Се гонат дека дозволиле набавка на апарати за коцкање вредни над 8 милиони евра, иако како што велат од обвинителството знаеле дека Државната лотарија нема право самостојно да организира игри на среќа. Тоа право, претходно било доделено на друга фирма.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
