Македонија
30. August 2026 - 16:28

Климатските промени сериозна закана за производството на храна и аграрот

Климатските промени стануваат се посериозна закана за земјоделското производство и снабдувањето со храна. Екстремните температури, наглите временски промени и недостатокот од вода веќе сериозно го погодуваат аграрот, предупредува професор д-р Душан Спасов од Земјоделскиот факултет при УГД Штип.

Последиците не се гледаат само во намалените количини и нарушениот квалитет на приносите, туку и во растот на трошоците и скратеното време за работа на терен.

Решението според Спасов, е во брза адаптација и примена на „паметното земјоделство“. Тој нагласува дека клучни се едукацијата на производителите, користењето стручни совети и создавањето нови кадри, апелирајќи до младите да се образуваат во оваа насока.

Од Земјоделскиот факултет наведуваат дека нивните студиски програми се креирани согласно потребите на теренот и климатските прилики. Годинава, преку насоките за градинарство, фитомедицина и безбедност на храна во Струмица и Штип, идните студенти ќе добијат практични знаења за брза примена на новите технологии на нивите.