Македонија
30. August 2026 - 16:29

Бубрежна хронична болест, гојазност и дијабет – коморбидитети кај починатите од западно-нилска треска

Шестeмина починати од западно-нилска треска годинава се мажи на возраст од 62 до 83 години. И пациентите кои се критични и во моментот се на одделот за интензивно лекување на Инфективна се од машки пол и повозрасни.

Жените помалку завршуваат фатално поради компликации од вирусот а таа статистика е потврдена и во светски рамки, велат здравствените власти. Коморбидитетите што ги имаат болните со најтешката форма на западно-нилска треска се главната причина поради која со недели се борат со компликациите од болеста, а некои завршуваат и со смртен исход.

-Од Коморбидитетите две главни групи се условно кажано – хронична бубрежна болест и церебоваскуларните болести каде како позадинска причина најчесто имаме висок крвен притисок и дијабет придружно со обезност и слични состојби. Посебна група, меѓутоа ние досега сме немале случај што е на имуносупресивни лекови каде и кај нив смртноста може да изнесува 30 до 40 проценти. Во САД има над 2000 случаи и машкиот пол е поврзан и со поголемо заболување и со поголема смртност, вели Сашо Клековски, министер за здравство.

Една од јавно-здравствените мерки на ИЈЗ е и поголема едукација на здравствентие работници што предвидува тестирање на секој сомнителен случај со енцефалитис, менингитис или треска од непозната етиологија.

 Од досега потврдените 50 случаи во земјата, 39 се мажи а 11 жени. Освен по еден случај во Куманово и Велес, сите останати се од Скопје и тоа најмногу во Кисела Вода и Гази Баба.

Освен во Македонија голем број на заболени има и во соседна Грција. Од над 230 потврдени случаи имаат 19 починати и сите се над 65 годишна возраст.