Македонија
30. August 2026 - 19:59

ЛС - Штип со мерки против врсничкото насилство

Врсничкото насилство останува еден од најсериозните предизвици со кои се соочуваат учениците, родителите и образовниот систем. Навредите, физичките пресметки, психолошкиот притисок, но и сè почестото насилство преку социјалните мрежи, можат да остават сериозни последици врз децата.

Превенцијата и навременото препознавање на проблемот се клучни за создавање безбедна средина во училиштата, а општина Штип пред стартот на учебната година презема низа мерки за елиминирање на овој деструктивен феномен.

-Уште минатата година се воведоа мерки за дежурства на наставниците во ходниците за време на одморите, така што учениците се постојано под контрола. Исто така, психолошко-педагошките служби ги интензивираа своите задачи и постојано работат со учениците, дават помош и поддршка и на наставниот кадар и на родителите кои доаѓаат во училиштата и се реализираат тие средби, тие советувања, се со цел да се намал проблемот со врсничкото насилство, изјави Снежана Санева, раководителка на Секторот за јавни служби, образование и ЛЕР, ЛС - Штип.

Навремената реакција, разговорот и пријавувањето на секој случај можат да спречат насилството да се повтори или да добие посериозни размери. Покрај санкционирањето на насилното однесување, неопходни се и континуирани работилници, едукативни кампањи, како и развивањето меѓусебна почит и толеранција.

-Во соработка со СВР –Штип се организираат работилници на кои се укажува на опасностите од врсничкото насилство, како да се превенира, да не се шири и да се запознаат децата со последиците од врсничкоо насилство, колку може да биде тоа страшно, поразително и деструктивно во нивниот живот, додаде Санева.

Безбедното училиште е основен предуслов за секое дете да може слободно да учи, да се развива и да го гради своето детство без страв.