Со дел од раководство зад себе, Филипче на прес конференција остро ја нападна Платформата 12.05
Со дел од раководство зад себе Филипче на прес конференција остро ја нападна Платформата 12.05. Вели дека оваа мала група вчера докажа дека се платеници на ВМРО-ДПМНЕ, чија цел е единствено дефокусирање од вистинските проблеми во државата.
Филипче тврди дека тие немаат никаква поддршка помеѓу раководството и членството, ниту помеѓу пратеничката група, иако таа денеска не стоеше зад него на прес конференцијата.
Особено спорно според Филипче е што Платформата вчера доби поддршка од Левица, партија со која имаат целосно спротивни политички идеологии.
Венко Филипче со малата група се фракција во СДСМ. Тој не е претседател на членството, туку претседател на фиктивни картички за гласање, возвратија од Платформата 12.05
-Денес се потврди токму тоа. Со сите притисоци врз членовите, тој на прес конференцијата собра половина раководство и стотина луѓе во публика. Тоа е помалку од еден процент од гласовите кои наводно ги освои на внатрепартиските избори. Со Левица ние имаме многу разлики за различни прашања, но сме согласни за едно „на ти – дај ми“ тандемот Мицкоски-Филипче мора да бидат поразени. Таа маса на Платформата вчера тежеше минимум 150 илјади гласа. Со хистеријата која упорно се обидува да ја наметне Венко Филипче, тој свесно ги одвраќа опозициските гласови од СДСМ затоа што е уценет и мора да одработи во полза на ВМРО-ДПМНЕ. Венко Филипче не е, и не може лажно да и се продава на јавноста како жртва, бидејќи тој е егзекуторот на највалканиот дил во поновата политичка историја на Македонија, стои во реакцијата.
И додека СДСМ и Платформата меѓусебно се обвинуваат за тоа кој одработува за ВМРО-ДПМНЕ, премиерот Мицкоски во интервју за МТВ вели дека тоа се внатрешни проблеми на опозициската партија во кои тој не сака да се меша.
Сепак, според премиерот Платформата 12.05 ги навредила граѓаните со тврдењето дека го поддржуваат ВМРО-ДПМНЕ бидејќи немаат друга опција.
-Јас жалам што дури и оваа алтернатива којашто се претставува како алтернатива на опозицијата, повторно го потценува народот и го навредува со тоа што го прави кусоглед. тврдењето дека граѓаните ја поддржуваат власта затоа што „немаат избор“ е проблематична порака од нова политичка група која сака да се наметне како алтернатива. Првиот настап е особено важен за секоја нова политичка иницијатива. Во животот и во политиката немате втора шанса за прв впечаток. Доколку ова е првиот впечаток на групата која се нуди како алтернатива на актуелното раководство на СДСМ, тогаш таа ја пропушти првата можност, вели премиерот.
Во текот на следната недела од Платформата 12.05 најавија дека на Филипче ќе му го достават нивниот план за реформи во партијата како последна шанса пред да превземат конкретни чекори.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
