Инфлација од 2,7% во септември, измери статистиката
Инфлација од 2,7% во септември измери државната статистика. Цените на мало пак, бележат зголемување од 1,7 отсто. За една година најмногу поскапела храната . Месото за 6,4 отсто, мастите и маслата – над 7, млекото, млечните производи и јајцата, скоро 4, зеленчукот 2,6. По пониски цени, за 14 отсто се продавале само овошјето и за незначителни 1 осто житарките. Во однос на претходниот месец, август, трошоците за живот се задржаа на исто ниво. Премиерот очекува да останеме земја со најниска инфлација во регионот.
„Во третиот квартал бројките се дека состојбата е под контрола. Во јули стапката беше 2,3 проценти, а просекот во Европската Унија и во еврозоната беше 2,9 проценти. Во регионот сме втори, убедливо, кога ќе ги анализираме стапките на инфлација од Словенија до Турција. Во август беше 2,6 проценти кога во Европа и во еврозоната просекот беше 3,2 проценти. Сега Европската Унија објави процена дека во септември е 3,8 во еврозоната.“ - рече Мицкоски.
Според процените и анализите на Државниот пазарен инспекторат, за храната и за безалкохолните пијалаци очекувањата се годишната стапка на инфлација да биде меѓу 1,5 и 2 проценти, што ќе претставува најниска во регионот и една од најниските во Европа, изјави Христијан Мицкоски, премиер
Наспроти изјавите на премиерот дека ќе бидеме земја со најниска инфлација и меѓу првите со највисок економски раст во Европа, по прогнозите на Светска банка дека ќе имаме повисок раст од првично проектираниот, опозициската СДСМ го тврди спротивното – со ваков раст заостануваме во споредба со сите земји од регионот. А за да го стигнеме европскиот просек, ќе ни требаат децении
„Извештојот констатира дека растот на економијата, ако продолжиме на истиот начин, без структурни реформи, ќе биде 2,4%. И дека со таков раст од 2,4% до 2050 година, до средината на векот, ќе стасаме едвај до 55% од просекот на развој на европската економија, или со други зборови, со ваков раст, ќе ни требаат 75 години, ниту една цела генерација нема да може да ја заврши работата, да го стасаме, просекот на Европска Унија.“ рече Каранфилова Пановска.
Инаку, Евростат објави дека инфлацијата во септември значително забрза и во еврозоната и достигна 3,8 отсто, бројка која е највисока во последните 3 години. Главен двигател на растот на цените била енергијата, која за една година поскапела за скоро 19 отсто. Највисока инфлација е измерена во Шпанија - 5%, 4,1 во Италија, 3,4 во Франција и 3,3 во Геманија. Овие стапки се над очекувањата на Европската централна банка од 2 отсто.
-

Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар
