Бугарското МВР ја добило меѓународната потерница за Михаилова, не презеле ништо за нејзино лоцирање
Бугарската полиција вчера вечер ја добила меѓународната потерница од македонското МВР апсење за Ива Михаилова, Министерството за внатрешни работи на Бугарија засега не презело ништо за нејзино лоцирање.
Не ја добиле Црвената потерница од Интерпол, иако е примено барањето од Скопје за нејзино апсење и екстрадиција.
На 13 октомври, во 19:38 часот, во Дирекцијата за меѓународна оперативна соработка е примено известување од ИНТЕРПОЛ - Скопје, со барање за меѓународно потрага, апсење и екстрадиција на Ива Михаилова - државјанка на Бугарија и на Република Северна Македонија.
Во известувањето е наведено дека Михаилова е обвинета за прекршување на правилата за сообраќај (кривично дело казниво согласно член 300 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија) и дека против неа е издадена наредба за апсење од Судот во Кочани, со датум од истиот ден - 13 октомври 2026 година.
До овој момент за Михаилова не е издадена црвена потерница на ИНТЕРПОЛ.
Бугарските власти досега не презеле активности за утврдување на местоположбата на лицето на територијата на Бугарија.
Од бугарското Министерството за внатрешни работи во одговорот за медиумите на две места се оградуваат од обврската да ја уапсат или екстрадираат Михаилова.
Се повикаа на бугарскиот Устав во кои стои дека:
„Државјанин на Република Бугарија не може да биде предаден на друга држава или на меѓународен суд заради кривично гонење, освен ако тоа е предвидено со меѓународен договор кој е ратификуван, објавен и стапен во сила за Република Бугарија.“
Го наведуваат и Членот од Европската конвенција за екстрадиција:
„Секоја договорна страна има право да одбие екстрадиција на сопствените државјани.“
И додека македонското Министерството за внатрешни работи се уште истражува како Ива Михаилова избега од Македонија, не може да се започне ниту процедура за нејзина екстрадиција во Македонија, бидејќи за да почне формалната постапка, бугарските власти треба официјално да им потврдат дека таа се наоѓа во Бугарија, иако таа се појави на неколку бугарски телевизии пред болницата во Пирогов.
До овој момент МВР на РСМ нема добиено информација дека лицето за кое прашувате е пронајдено по меѓународната потерница издадена од РСМ.
Барање за екстрадиција се доставува преку Министерството за правда.
По одобрување на екстрадицијата, надлежните органи на двете држави ги договараат условите, времето и начинот на предавање по што МВР ги реализира полициските активности поврзани со преземањето и спроведувањето на лицето.
- Без известување од македонското МВР дека Михаилова е пронајдена, Министерството за правда засега не може да ја започне постапката за екстрадиција. Македонија нема ниту билатерален договор со Бугарија за екстрадиции, велат од македонското министерство за правда.
Михаилова избега од Македонија со тврдење дека и се влошила здравствената состојба и за нејзината дијагноза најдобар третман можела да добие во Бугарија.
Со оглед на тоа што и беа одземени пасошите, министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија се договорија да испратат лекари од Бугарија да ја прегледаат.
Токму ова е причината, според министерот за здравство Клековски, зошто Михаилова избегала.
„Сметам дека токму поради најавата дека во Македонија ќе допатува конзилиум лекари од Бугарија за увид во здравствената состојба и третманот на Михајлова се случи нејзиното бегство, оти бугарскиот конзилиум само ќе ги потврдеше наодите на македонските лекари дека, во основа, тука нема здравствен случај.“
Судењето каде што Михаилова е обвинета за предизвикување сообраќајка со тешки последици, каде едно лице загина е пред крај.
Во нејзината изјава пред бугарските медиуми, таа кажа дека судскиот процес може да продолжи и без неа.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
