Бланар од Скопје: ЕУ не смее да применува двојни стандарди кон земјите кандидати
Македонија бара излез од европскиот ќор сокак преку засилена дипломатска комуникација со Брисел и земјите членки, но засега без гаранции дека ќе се најде решение за спорот со Бугарија и блокадата на евроинтеграцискиот процес.
Министерот за надворешни работи, Муцунски уверува дека дел од европските партнери се подготвени да помогнат во изнаоѓањето прифатливо решение, но предупредува дека Македонија нема да прифати компромис кој само привремено ќе ја одблокира државата, а на долг рок ќе отвори простор за нови условувања.
Иако директна средба со бугарската колешка засега не е договорена, можност за разговор се отвора во декември, на министерските состаноци во рамки на НАТО и ОБСЕ.
Силна поддршка за македонскиот европски пат пристигна и од Словачка. Шефот на словачката дипломатија, Јурај Бланар, кој денеска престојуваше во официјална посета на Скопје и се сретна со министерот Муцунски, порача дека нема место за двојни стандарди во процесот на проширување на Европската Унија. Според него, не може за различни земји кандидати да важат различни критериуми, а долгогодишното чекање на Западен Балкан само ја зголемува фрустрацијата и ризикот Унијата да го изгуби регионот.
Главен фокус на денешната средба меѓу двајцата министри беше ставен на натамошното унапредување на билатералните односи и реафирмирањето на словачката поддршка на нашиот процес на европска интеграција.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
