Бизнис
6. November 2026 - 16:41

Премиерот најави средба со потенцијални купувачи на Алта Банка АД Битола

Премиерот, гувернерот и министерката за финансии деновиве ќе имаат средби со потенцијални купувачи на Алта банка.  Ваква најава стигна лично од првиот човек на владата,  кој вели дека ќе направат се , за да не се случи црното сценарио кое  го посакува опозицијата , а тоа е стечај на Алта. Според информации на Мицкоски, банката е во одлична состојба, активата е многу поголема од побарувањата на доверителите, а проблемот кој настана кај нас е увезен од Србија. 

Опозициската СДСМ пак ги обвини премиерот Мицскоски и гувернерот Славески дека притискале една домашна и една странка банка во земјава, да ја купат Алта. На овој начин, сакале да ја заташкаат работата и да не се открие нивната одговорност.

„Сега тие што ги носеа штетните одлуки, што овозможија влез на Алта банка, најавуваат продажба на нов сопственик. Целта е да се заташка работата, да не се открие криминалот. Кој би сакал да земе банка со ваква репутација и банка која е под сомнеж за потеклото на капиталот? Власта врши притисок врз потенцијални купувачи, на една странска, а од пред некој ден и на една домашна банка“, рече Кузеска.

Инаку, вчера истече рокот кој Народната банка им го даде на српските регулатори да се изјаснат дали тие ќе ги продаваат акциите на Алта банка Битола. За сега не знае дали добиле некаков одговор и кој ќе биде следниот чекор на Народоната банка. Дали и кога ќе ги понудат акциите на продажба преку македонската берза. Велат дека Народната банка не може да ги обелоденува информациите што по закон не се јавни. Постапката на продажба на акциите е уредена со законот за банки, каде се предвидува дека се спроведува по пак на јавна берзанска аукција.

Инаку, во Законот за банки пишува дека почетната цена ја одредува администраторот и таа не може да биде пониска од 70% од книговодствената вредност утврдена во ревидираниот финансиски извештај на банката, износот на средства потребни за докапитализација и рокот за нивна уплата.

Ако не се најде купувач на првата, ќе се одржи и втора аукција, чија цена не треба да биде пониска од 50% од почетната.