Македонија
11. November 2026 - 16:47

НБРМ поднесе кривични против функционери на СДСМ за Алта банка

Четири функционери на СДСМ да одговараат кривично за ширење паника за Алта банка побарала Народната банка на Македонија.

Од банката потврдуваат дека поднеле кривични пријави без да соопштат повеќе детали.

„Народната банка поднесе пријави до Основното јавно обвинителство Скопје поради јавни изјави со сериозни и непоткрепени обвинувања поврзани со „АЛТА банка“ АД Битола.“ – се вели во краткиот одговор кој до Сител го испрати прес службата на Народната банка.

Неофицијално, во две одделни пријави, кривична одговорност се бара од лидерот Филипче, потпретседателот Александар Трајановски, генералниот секретар Димитријевиќ и секретарот за меѓународна соработка Андреј Жерновски.

Лидерот на СДСМ денеска немаше информации за пријавите.

Јавното обвинителство до овој момент не споделува информации.

Премиерот Мицкоски на крајот од минатата недела побара обвинителството да отвори истрага бидејќи како што рече, опозицијата врши саботажа, креира немир и го урива државниот поредок.