Во месецот посветен на машкото здравје бесплатно тестирање на рак за простата во ЗД „Железничар“
За два дена повеќе од 100 граѓани направиле бесплатно ПСА тестирање за откривање на рак на простата во Здравствениот дом „Железничар”. Некои од мажите велат дека прават редовни прегледи, но имаше и такви кои прв пат се одлучиле за превентивни испитувања.
Акцијата на Здравствениот дом „Железничар” се спроведува трета година по ред. Лани кај неколку граѓани биле откриени проблеми со простатата и истите ги препратиле на дополнителни испитувања.
„Одговорноста кон себе и кон најблиските започнува со еден едноставен, но, важен чекор - превентивен преглед. Тоа не е ниту слабост, ниту нешто од што треба да се срамиме. Напротив, треба да говориме гласно и отворено на тема превенција.“, рече д-р Спасе Јанев, директор на ЗД „Железничар”.
„Едно боцкање на прстот за рано откривање на рак на простата и да си заштедите себеси многу болнички денови и многу лекарства. ПСА-тестот е единствениот тумор маркер кој е дијагностички, единствениот кој може да се користи за рано откривање на рак.“, изјави Сашо Клековски, министер за здравство.
Бесплатни ПСА тестирања за рано откривање на рак на простата во „Железничар” ќе се спроведуваат и следните два четвртоци, но и во текот на целиот месец на неколку локации во Скопје, а ќе бидат опфатени и ранливите категории преку Црвениот Крст.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
