Крај за чекањето на патарини? Македонија подготвува автопати без рампи, ќе се плаќа по изминат километар
Патарина без рампа, плаќање без паричник и цена што зависи од тоа колку пат сте поминале. Македонија подготвува нов начин на наплата на автопатите. Законските измени се во напредна фаза, а министерот за транспорт Николоски најави дека во декември ќе го презентираат новиот модел. Идејата е наплатните станици да заминат во минатото, а возилата да се движат без запирање. Наплатата ќе се врши електронски, со помош на современа технологија, а системот ќе ја пресметува сумата според поминатите километри.
„Секој граѓанин има трансакциска сметка, секој којшто има возило мора да има кредитна картичка. Тоа се работи веќе коишто ги има во постојната законска регулатива и би можеле на тој начин да ги примениме овие технологии“, рече Николоски.
Според него, новиот начин на наплата треба да биде поправеден за возачите.
„Вие сега теоретски ако тргнете од Демир Капија и одите во Гевгелија плаќате 100 денари на наплатната кај Смоквица, и ако тргнете од Скопје кон Гевгелија на истата наплатна повторно плаќате 100 денари, што за жителите од Демир Капија е нечесно и неправедно“, изјави министерот.
Во изработката на законот ќе бидат вклучени и експерти од Европската транспортна заедница. Николоски вели дека во регионот Хрватска се подготвува за воведување ваков систем, додека неговата примена почнува и во околината на Белград. Ваквата наплата првично би се применила на новиот автопат Кичево – Охрид, кој според најавите на Николоски треба целосно да биде пуштен во употреба во мај.
Откако ќе биде презентиран, законот треба да помине во Владата, а потоа и во Собранието.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
