Македонија
18. November 2026 - 16:44

Девет полицајци кривично ќе одговараат за непостапување за смртта на Росица Коцева од Велес

Девет полицајци од Велес кривично ќе одговараат за непостапување за смртта на Росица Коцева од Велес. Денеска Обвинителството за гонење организиран криминал поднесе обвинение за злоупотреба на службената положба и неизвршивање на судска одлука. 

Обвинетите од февруари до септември минатата година, со неизвршување на својата службена должност потешко ги повредиле правата на сега починатата Росица Коцева, повредувајќи го нејзиното уставно загарантирано право на живот.

Тие не постапувале соодветно по пријавите на оштетената за семејно насилство, непочитувајќи ги одредбите од Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, Правилникот за начинот за процена на ризик од сериозна опасност по животот и  физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членовите од нејзиното семејство и на ризикот од повторување на насилството, Правилникот  за вршење на полициските работи и Законот за полиција.

Во услови кога биле изречени судски мерки за заштита на жртвата од семејно насилство, тие не постапувале по итните мерки за заштита. Исто така, дел од обвинетите прземајќи дејствија по пријава на оштетената, постапувајќи спротивно на изричните одредби од Законот за полиција, не  го известиле надлежниот  јавен обвинител за да добијат  понатамошни насоки за постапување, а доказите ги чувале во просториите на ООК-ОКП Велес без да поведат никаква постапка, велат од Обвинителството. 

Росица Коцева од Велес беше убиена на 15 септември минатата година, заедно со нејзиниот татко, од поранешниот партнер кого претходно седумпати го пријавувала во полиција за насилство и вознемирување. Само пет дена пред убиството, судот му изрекол условна казна. По трагедијата, внатрешната контрола на МВР утврди пропусти во постапувањето по дел од пријавите и предложи дисциплински постапки за 11 полициски службеници.