Разликата меѓу синдикалната и владина октомвриска кошничка над 11.000 денари
Растат и владината и синдикалната кошничка. Едната за 1.000, другата за 500 денари. И во двете најмногу поскапела храната, посебно овошјето и зеленчукот. Синдикатот објави дека во ноември на четиричлено семејство минимум му се потребни 70.827 денари за да го помине месецот. Сумата е поголема за 500 денари од октомвриската.
Владата, пак, пресмета дека во октомври просечната потрошувачка кошничка изнесува речиси 60.000 денари или за 1.000 денари повеќе од септемвриската. Разликата меѓу владината и синдикалната за октомври изнесува над 11 илјади денари и, според министерот за економија, таа што ја пресметува синдикатот е повисока затоа што содржела овошја кои не се сезонски.
Според пресметките и на Синдикатот и на Владата, двајца вработени кои земаат минимална плата не можат да ги задоволат ниту основните месечни потреби. Министерот, сепак, тврди дека само мал дел, односно околу 30.000 вработени, земаат минималец од 26 илјади денари. Примањата на поголемиот дел се движат помеѓу минималната и просечната плата.
Зголемување на минималецот ќе има во март. Согласно законското усогласување, според досегашните податоци за порастот на просечната плата до септември и инфлацијата до октомври, ќе се зголеми за нешто над 1.400 денари.
-

Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар
