Македонија
21. November 2026 - 16:38

Убиство во Скопје: 38-годишен маж пронајден мртов со прострелна рана на ногата

Ново убиство во Скопје. 38-годишен маж од селото Љубин е пронајден мртов на скопската обиколница „Мајка Тереза“, во близина на селото Смилковци. Покрај безживотното тело било пронајдено и неговото возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки.

Екипата на Сител беше на местото на настанот. Крвавите траги на асфалтот сведочеа за насилниот настан.

Според првичните информации, на неговото тело била забележана прострелна рана во пределот на ногата. 

На пладне, местото на настанот веќе беше расчистено, а сообраќајот на обиколницата се одвиваше непречено.

Случајот го потврдија и од Министерството за внатрешни работи. 

Оттаму информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности.

-На 21.11.2026 во 06:15 чaсот во СВР Скопје е пријавено дека на обиколница „Мајка Тереза“ во близина на с. Смилковци, скопско пронајдено е лице без знаци на живот. Веднаш по пријавата полициски службеници од СВР Скопје се упатени на лице место, при што е утврдено дека лицето е Ш.Е.(38) од с. Љубин, скопско. Во близина на телото е пронајдено патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, изјави Гоце Андреевски, портпарол на МВР.

Смртта на мажот ја констатирала екипа на Итната медицинска помош. 

По наредба на јавен обвинител, телото е предадено на обдукција во Институтот за судска медицина, која треба да ги утврди точната причина и времето на смртта.