Бизнис
24. November 2026 - 16:33

Катастар очекува стабилизација на станбените цени

Стабилизација, а не пораст на цените на недвижностите очекува првиот човек на Катастар, по најавата на Владата за законско решение кое ќе им овозможи на младите поевтино да купат стан. Иако сè уште не го виделе предлог-законот, сметаат дека станува збор за добар предлог, кој ќе им помогне на двојките до 35 години да го решат станбеното прашање, но и да се стабилизираат цените.

Мерката предвидува од сите новоградби инвеститорите да понудат 10 отсто од становите по цена пониска за 20 отсто од пазарната. Како репер ќе се зема просечната цена на квадратен метар што ја утврдува Агенцијата за катастар од претходната година. Цените прикажани во Катастарот вообичаено се пониски од оние објавени во огласите, а според првиот човек на институцијата, причината е што најголем дел од становите се купуваат уште додека се во изградба.

-Пониските цени прикажани во Агенцијата за катастар се должат на претходно склучените преддоговори, кога објектот штотуку започнал да се гради, па затоа цените се пониски од оние што ги гледаме во огласите. Кога зградата ќе биде готова, за три-четири години, купувачот ја плаќа цената што претходно ја договорил со инвеститорот. Кај староградбите, пак, купопродажбата се завршува за еден месец, па затоа цената на квадратен метар е повисока.

Градежниците најверојатно ќе побараат некаков вид субвенции од Владата, за да не поскапат останатите станови кои нема да бидат наменети за младите. Само на тој начин, сметаат, мерката ќе биде успешна и ќе им го амортизира ударот од поскапувањето на железото, челикот, стаклото и работната сила. Премиерот веќе ја отфли таквата можност, бидејќи, смета дека доволно оставрувале профит со 3,000 евра за матар квадартен.

Податоците за третиот квартал годинава покажуваат намалување на продажбата на станови и стабилизација на цените. Во просек, квадратен метар во главниот град се продавал за 2.000 евра, а најскапиот квадрат бил продаден во Центар – за над 3.100 евра. Според инвеститорите, лимитот е достигнат и со ваков стандард цените веќе не можат да одат нагоре.

Втората мерка што ја најави премиерот се однесува на изградбата на куќи, при што младите целосно ќе бидат ослободени од плаќање комуналии кон општината.

Предлог-законот се очекува наскоро да биде ставен на разгледување пред пратениците.