Ученик со пушка рани две лица во училиште во Крагуевац
Седумнаесетгодишен ученик во Првото техничко училиште во Крагуевац утрово во училиштето дошол вооружен со малокалибарска пушка. Почнал да пука во холот, при што една хигиеничарка била погодена во ногата додека седела во портирницата, а друга се здобила со повреди од скршеното стакло.
Полициските службеници брзо интервенирале, го совладале и го уапсиле напаѓачот неколку минути по пукањето. Инцидентот се случил околу 8 часот, додека учениците биле во училниците на првиот час.
-Ходниците во тој момент беа празни и на тој начин избегнавме поголема трагедија, вели директор на училиштето.
За напаѓачот, директорот на училиштето рече дека со него досега немале никакви дисциплински проблеми. Тинејџерот го користел оружјето на својот татко, а неколку часа пред нападот, тој објавил фотографија со пушката на социјалните мрежи. Мотивот за пукањето не е познат.
Експерт за безбедност: можни мотиви за насилството кај учениците.
Истрагата е насочена и кон домот на напаѓачот за да се утврди како дошол до пушката и дали оружјето било соодветно обезбедено. Полицијата го приведе и таткото на напаѓачот.
Денешниот вооружен инцидент веднаш ги врати траумите од Рибникар и повторно го отвори прашањето за безбедноста во училиштата.
Пред три години во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“ 13-годишен ученик смртно застрела деветмина ученици и чуварот на училиштето.
-
Емилија Штерјов
Сите содржини од овој новинар
