Македонија
25. November 2026 - 16:33

Со два специјални закони до поевтини домови за млади брачни парови

Со два специјални закони кои во декември ќе треба да влезат во собраниска процедура ќе се регулираат две мерки за поевтини станови и куќи за млади брачни парови. Премиерот Мицкоски најави дека едниот закон ќе се однесува на поевтини станови за 20% од пазарната цена. Референтна ќе биде просечната цена на стан во новоградба во една катастарска општина.

Втората мерка се однесува на изградба на куќи за кои младите брачни парови ќе бидат ослободени од комуналии. 

- Веќе голем дел од градоначалниците ни се јавуваат со идеи дека имаат неколку хектари земја, сакаат да ја урбанизираат, сакаат да ја парцелизираат, да ја понудат по едно евро за ваков профил на брачни парови. Што е добро, што е добро. И јас сум убеден дека и овие два закони две мерки ќе вродат со плод, и ќе се олесни домувањето на овој профил на брачни парови, вели Мицкоски. 

Иако не е прецизирано, најверојатно право за двете мерки ќе имаат брачни парови помлади од 35 години, а ќе се однесува и на семејствата каде едниот партнер е повозрасен од оваа граница.
Премиерот исто така најави и дека во скоро време ќе биде презентирано решението за студентски оброк преку апликацијата м-услуги. Уверува дека со ова решение студентите ќе имале многу повеќе бенефиции, отколку сега.

- Решението е јасно, решението е на маса. Сега гледаме како тоа да го операционализираме. Мислам дека сме на добар пат и тоа што ќе го креираме, овој пат, е нешто иновативно, нешто што ќе им помогне на студентите да се стекнат со поголеми прави за права од тоа што денеска го имаат, и повеќе привилегии. Многу повеќе од тоа што денеска го имаат, вели Мицкоски.

Иако решението се уште не е прецизирано, според најавите, со новиот модел студентите ќе добијат 20 проценти попуст на производите што ќе ги купуваат со средствата од субвенционираниот студентски оброк, но и на сите останати производи во маркетите и кај операторите вклучени во мерката. Тој треба да почне да се применува од следната академска година, а најавен е како дополнителна поддршка за студентите во услови на зголемени трошоци за живот.