Надзорна расправа за Алта банка
Ниту претседателката на државата, ниту нејзиниот кабинет, учествувале во носењето одлука за доделување на банкарска дозвола на Алта банка, ниту пак да се воведе администрација во банката.
На продолжението на надзорната расправа Силјановска Давкова како сведок пред Собранието ја бранеше својата одлука Трајко Славески да го предложи за гувернер, но категорично отфрли каква било поврзаност со постапките околу банката.
Тврди дека нејзините уставни овластувања не подразбираат вмешаност во банкарската супервизија или издавањето дозволи. Откако опозицијата ја праша дали под притисок го именувала Славески, возврати дека изборот го направила согласно законските критериуми. Ги отфрли сите обвинувања дека постоел договор меѓу неа, Мицкоски и Вучиќ за Алта банка.
Тензичната атмосфера од првиот ден на надзорната расправа пред две недели се преслика и на ова продолжение. Се довикуваше од место, се прекинуваше говорот на претседателката, но и се делеа лекции како се говори на говорница.
Власта и опозицијата бараа одговори и искуства од случајот со пропаднатата Еуростандард банка.
Пред пратениците сведочеа и претставници од банкарскиот сектор. Иако поканета во Парламентот не се појави екс министерката за финансии Нина Ангеловска. Дел од поканетите сведоци испратиле нови оправдувања дека нема да присуствуваат, а дел и воопшто не одговориле на поканата на собраниската комсија.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
