Македонија
26. November 2026 - 16:36

Над два милиони евра ќе треба да вратат фирмите за брзи кредити на оштетените потрошувачи

Над два милиони евра ќе треба да им вратат фирмите за брзи кредити на потрошувачите, бидејќи незаконски им наплаќале трошоци за неплатен долг, но и применувале нечесни трговски практики. Околу 26 илјади граѓани треба да си ги добијат парите назад. Кршењето на законите од страна на фирмите за брзи кредити ги утврди Државниот пазарен инспекторат по тримесечните контроли. Незаконските практики се применувале од 2024 година до оваа година. 

Доколку парите не им бидат вратени на граѓаните, фирмите за брзи кредити ќе бидат затворени. Казните за нив пак се во висина од 2 илјади до 10 илјади евра. 

Во Македонија 27 фирми за брзи кредити имаат лиценца за работа, обезбедена од Министерството за финансии. Од ресорното министерство вчера изрекоа забрана за две фирми во рок од еден месец да не може да одобруваат кредити, поради неправилности во работењето. 

Станува збор за големи фирми со повеќе експозитури во Македонија, а нивните сметководства се воделе надвор од државата. Имињата надлежните не ги споделуваат, бидејќи истрагата се уште е во тек. 

Во меѓувреме од Левица, велат дека според статистиките секој четврти граѓанин во Македонија користи брз кредит. Поради загрижувачкиот тренд најавија четири законски измени. 

Институциите апелираат до граѓаните внимателно да се информираат пред да склучат договор за брз кредит, да побараат појаснување за надоместоци и трошоци, како и обврските кои произлегуваат од договорот.