Седница за пратенички прашања
Алта банка, економијата, задолжувањето и обвинувањата за криминал ја отворија новата политичка пресметка меѓу премиерот Мицкоски и лидерот на СДСМ Филипче на собраниските прашања. Филипче го обвини дека одговорноста за проблемите со Алта ја префрла на опозицијата, иако власта го овозможила нејзиниот влез во земјава. Побара Мицкоски да одговори со кого го направил договорот за влез на Алта банка. Од собраниската говорница рече дека примал закани од, како што кажа, „другарите“ на премиерот Мицкоски и порача дека не се плаши.
Нема никаков договор за Алта му врати премиерот. Ги отфрли и критиките на Филипче за лошата економска состојба.
Албанската опoзиција бара јасни одговори од владата за полагањето на правосудниот испит. Засега нема конечна одлука им одговори премиерот. Се чека на мислење на Веницијанската комисија пред да одлучи дали ќе го поднесе во Собранието. Претставници на комисијата денеска оствариле и средба со министерот за правда.
Од собраниската говорница Мицкоски потврди дека веке се работи на два закони од најавените мерки за млади кои наскоро ќе се најдат пред пратениците. Едниот се однесува на можноста за брачни парови или барем еден од нив до 35 години, да може да добие стан со 20 отсто пониска цена и законот кој се однесува на општините, односно нема да се наплаќаат комуналии за нов дом за брачни парови до 35 години.
И овие пратенички прашања започнаа по речиси едночасовно преговарање со албанската опозиција која преку процедурални забелешки ја блокираше седница со образложение дека не стигнуваат на време да постават прашање.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
