Комората на вештаци со конкретни резултати по две години од основањето
1.072 вештаци со трајни лиценци, нов тарифник по 12 години и подготовка на нов Закон за вештачење. Ова се дел од резултатите на Комората на вештаци во изминатите две години, во кои се надминати проблемите со истечените лиценци и неможноста за издавање нови. Организирани се повеќе обуки со над 750 слушатели, како и две континуирани обуки, на кои учествувале над 40 обучувачи од различни стручни области, со што се создаваат услови за едукација и вклучување нови кадри во дејноста.
Една од позначајните промени е новиот тарифник, со кој по 12 години е заменет стариот акт. Наградите за вештачење се усогласени со економските состојби, а стручниот труд се вреднува подеднакво, без разлика на областа.Паралелно, комората учествува во подготовката на нов закон за вештачење, поради проблемите во примената на одредени одредби од актуелниот закон.
За вицепремиерот Александар Николоски, вештачењето е еден од најзначајните столбови на правосудниот систем, бидејќи овозможува сложените стручни прашања да бидат разјаснети преку знаење, искуство, методологија и професионална објективност.
Од Комората потенцираат дека и во иднина остануваат на цврстата определба за јакнење на интегритетот на вештаците, унапредување на нивниот статус и зачувување на професионалното достоинство, со цел да придонесат за поквалитетно и поефикасно функционирање на правосудниот систем.
-

Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар
