Македонија
26. November 2026 - 19:39

Пензиските друштва го чекаат потенцијалното решение за реформа

Првиот и вториот пензиски фонд се комплементарни. Какво и да е решението кое државата ќе го донесе за реформа на пензискиот фонд мора да ги земе предвид идните пензии. Од друштвата кои управуваат со приватните пензиски фондови велат дека засега на маса немаат потенцијално решение за реформа на пензискиот фонд.

Во однос на бришењето на стапката од 6% за задолжително капитално пензиско осигурување велат дека ова не значи укинување на вториот столб и дека добиле уверување оти оваа стапка ќе биде регулирана со друга законска одредба.

- Било која реформа треба да ја опфати целината и што значи измената на еден параметар и кои други измени паралалено се предвидени во законските решенија за да системот се избалансира. Ние за жал засега немаме на маса никаков предлог целосен за реформа по основ на кој би можеле да кажеме какви се целосните ефекти на било кое од предложените решенија, вели Иван Стојановиќ од Асоцијацијата.

Во однос на критиките од премиерот Мицкоски дека Пензиските друштва оствариле приноси од околу 1,5% годишно и дека тие се трипати пониски од очекуваните 5%, од Асоцијацијата велат дека реалниот принос од 2,3% значи дека тие ги заштитиле парите, но и заработиле нешто плус. 

Велат дека во моментот не можат да остварат поголеми приноси поради законските ограничувања кои ги туркаат кон инвестирање во државни обврзници, а и ги ограничува, до 30% од парите да можат да ги вложат во странски пазари.

- Кога зборуваме што може и отсега понатаму подобро ние веќе тие предлози ги комуницираме редовно до институциите, а дел од нив веќе се опфатени од новата предлог-регулатива. Значи, ни треба поголема диверзификација, ни треба можност за управување со ризиците, вклучувајќи го и инфлаторниот и ни треба можност да се изложиме кон вложувања директно имаат позитивна корелација со инфлацијата. Односно, како што расте инфлацијата расте и вредноста на пензиските заштеди, вели Татјана Бојковска од Асоцијацијата. 

Од Асоцијацијата велат дека од 2024 година наваму во континуитет доцни исплатата од ПИОМ кон друштвата од вториот фонд. Оттаму го поздравуваат предлогот, задолжен за овие трансфери наместо ПИОМ да биде УЈП бидејќи сметаат дека така доцнењето ќе биде намалено.