Македонија
28. November 2026 - 16:33

Албанците го слават Денот на албанското знаме

Дождот и лошото време не ги спречи македонските Албанци да го прослават Денот на албанското знаме. Со музичка програма на плоштадот Скендер Бег, општина Чаир го прослави најважниот датум за Албанците.

28 Ноември – Денот на албанското знаме и Независноста на Албанија е еден од најзначајните, најголемите денови за нас Албанците во Република Македонија. Бидејќи сме еден народ, иако сме се работи за Независност на денешна Република Албанија овој ден го славиме сите. И тоа е еден од најзначајните денови во нашата историја, вели Мухамет Муртези, претседател на Совет на општина Чаир. 

Блокирањето на сообраќајот во Скопје од пред две години го вклучи алармот кај безбедносните служби. Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев ги собра началниците на СВР Скопје, Куманово и Тетово за да изготви оперативен план кој би спречил евентуални инциденти. 

„Полицијата е во служба на сите граѓани и наша обврска е да обезбедиме сигурност, да ги заштитиме нивните права и имотот и да го одржуваме јавниот ред и мир. Ќе постапуваме професионално, одговорно и непристрасно, со нулта толеранција кон секое незаконско и насилно однесување“, вели Јанев.

И организаторите на денешниот настан бараат смиреност од сограѓаните и апелираат на достоинствено празнување.

- Искрено нашата цел и нашите очекување се дека нема да имаме никаков инцидент. Ние повикуваме на смиреност. Тоа што е најважно е да се слави смирено, достоинствено, како што прилегаат овие денови. И се надевам дека нема да има никаков инцидент, дури ни поединечен. Некогаш се случуваат поединечни инциденти, но сметам дека поединечните инциденти не смеат да го засенат целокупниот настан и искрено се надевам дека се ќе тече во најдобар и најсмирен можен ред, вели Муртези.

28 ноември се празнува зашто во 1912 година Исмаил Ќемали го истакнал црвено-црното знаме во Валона и ја прогласил независноста на Албанија од Отоманската империја. Празникот го одбележуваат Албанците во Албанија, Косово, Македонија, Црна Гора и дијаспората.