Нова метода за лекување на мозочен удар во Прилеп, најважно е да се делува во првите 4 часа од ударот
Со помош на интравенска тромболиза – високо специјализирана и животоспасувачка интервенција за акутен третман на мозочен удар која за прв пат се употребува во Прилеп, спасен е животот на млад 29 годишен пациент. Процедурата ја реализираше д-р Петар Кузмановски заедно со медицински тим од болницата. Се дава лек интравенски преку инфузија која тече еден час, а пациентот се мониторира цело време и следните 24 часа.
„Во овој случај младиот пациент се јави во првиот час, млад пациент со јасни знаци на мозочен удар и ги имавме сите критериуми и временски и клинички да можеме да ја направиме самата интервенција. Секако ова не е успех само личен или на одделението, туку е успех на самата болница затоа што ова е голема организација, иако ова е метода која што се прави од 2015 година во Македонија и е направена во неколку центри во државата, моментално рутински и редовно се прави само во Скопје, така да ние сме горди што може да кажеме дека и во овој регион ќе се дава редовно и пациентите можат да бидат услужени со една ваква метода“, истакна д-р Петар Кузмановски, невролог.
Оваа метода може да се примени и е ефективна само во првите 4 часа од добивањето на ударот, токму затоа за да сето ова биде успешно е пациентите навремено да ги сетат знаците на ударот и веднаш да се пријват на лекар, а не да чекаат да помине само од себе, како што често знаат да прават.
„Секој пациент кој ќе почувствува дека едната страна на телото не може да ја движи, или почувствува намалување на осет веднаш да се јави на лекар за да можеме навремено да го третираме. После тие 4 часа лекот нема да го постигне своето дејство затоа што оштетувањето на мозокот е направено и затоа ние како невролози кажуваме дека секоја минута губиме по 19 милиони неврони, така да се ни е важно, секоја минута, секоја секунда“, додаде Кузмановски.
Стареењето, задебелувањето на крвните садови, високиот крвен притисок, генетски предиспозиции се дел од факторте за мозочен удар. Токму затоа се потребни здрав начин на живот, здрава исхрана, намалувањето на цигарите и алкохолот, а потребни се и физички активности.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар
