Бизнис
4. May 2026 - 16:34

Нови цени на горивата: Бензините поскапуваат за 2 и пол, дизелот за 2 денари

Поскапуваат и бензините и дизелот. Регулаторната комисија ги објави новите цени на горивата. Од полноќ, бензините ќе се продаваат за 2 и пол денари поскапо и ќе чинат 85 и 87 денари по литар. Дизелот, пак, оди нагоре за 2 денари и ќе биде 93,5 денари.

Ова се максимални цени, но поради попустот од снабдувачот, на најголемиот дел од бензинските станици, бензинот од 95 октани ќе чини 83 денари, 98-октанскиот за 85 денари, додека дизелот ќе се точи за 90,5 денари по литар.

Во сила и натаму остануваат владините мерки – за бензините повластено ДДВ од 10% и намалена акциза за 2 денари, а кај дизелот акцизата е скратена за 4 денари. 

Премиерот Мицкоски рече дека траат засилените проверки од страна на пазарните инспектори поради сомнежи дека одредени нафтени компании вршеле реекспорт на горива. 

Тој откри дека инспекциите следат по информации од луѓе вклучени во овој бизнис.

„Наше е да ја провериме секоја информација што ја добиваме. Се разбира, во зависност од тие проверки, така и како Влада ќе реагираме. Инаку проверките се уште течат. За најмалку една компанија има индиции“, изјави Мицкоски.

Цената на нафтата на светските берзи и денеска расте. Брент поскапе за околу 5% и надмина 114 долари по барел.