Македонија
3. September 2025 - 16:54

Нови линии и нови авиони

Од следната година со Виз Ер ќе се лета на пет нови дестинации. Три од охридскиот и две од скопскиот аеродром. Со оваа бројка, за месец и половина бројот на нови авио-линии се зголеми на 11.

Покрај новите дестинации, Виз Ер најави и дека ќе донесе и шест нови авиони, кои постојано ќе бидат присутни на скопскиот аеродром, а ќе се обновуваат и старите авиони со понови.

-До охридскиот аеродром ќе се лета од Катовице -Полска од 28 јуни следната година, Вроцлав исто така Полска од 28 јуни следната година, и третата дестинација е  Милано-Малпенса главниот аеродром која исто така ќе оперира од 28 јуни следната година. На тоа додаваме уште две нови линии кон скопскиот аеродром,  Наполи-Италија со почеток од 6 април следната година и Будимпешта -Унгарија од 6 април следната година, изјави министерот за транспорт Александар Николоски.

Со новите линии од Виз Ер очекуваат многу туристи да дојдат во земјава, посебно во Охрид, град кој нуди безброј знаменитости и природни убавини. Во иднина планираат воведување нови дестинации, каде ќе можат да патуваат македонските граѓани.

Во јули министерот Николоски потпиша договор за пет нови авио-линии, каде веќе од ноември годинава ќе се лета за Мадрид и Стокхолм, а од декември за Прага, Бари и Келн. Со ова се очекува значително зголемување на бројот на патници.