Од утре во кафеана и на шопинг само со две дози вакцини
Без примени две вакцини од утре нема влез во угостиутелски и други затворени објекти, во молови, на настани и прослави, информираше министерството за здравство.
Дали оваа рестриктивна мерка ќе го зголеми опфатот за вакцинација против КОВИД и ќе ги натера оние околу 30.000 граѓани кои во моментот имаат примено само една доза комплетно да се имунизираат?
Според дел од лекарите рестриктивните мерки даваат резултат. Професорот Александар Петличковски во интервју за Радио Слободна Европа вели дека неопходно е да се зголеми стапката за вакцинација за да се избориме против вирусот.
-Рестриктивните мерки повеќе даваат резултат, а тие значат забрана за посета на затворени простории, задолжително тестирање на трошок на оној кој не се вакцинирал, лекување во случај на заболување на трошок на тој кој не се вакцинирал, изјави проф.д-р Александар Петличковски, директор на Институтот за имунологија.
Угостителите пак сметаат дека оваа мерка е уште еден удар врз нивниот бизнис. Од независната комора предлагаат доколку се неопходни рестрикции, зошто да не се дозволи влез во кафуле и ресторан и со негативен ПЦР тест исто како што се влегува на граничните премини и зошто мерило да не биде количината на антитела.
-Имаме ситуација кога лица и без вакцина имаат повеќе антитела и мислам дека бројот на антитела треба да биде следна мерка или ПЦР тест, жално е луѓе кои од разни причини неможат да се вакцинираат да не можат да присуствуваат на настани на нивни блиски кои можеби се случуваат еднаш во животот, изјави Здравко Јосифовски, од Независната угостителска комора.
За разлика од кај нас каде сертификатот важи 45 дена од прележувањето во голем број држави има важност до 9 месеци.
Инаку со опфат на вакцинација на целокупното население под 40 проценти, Македонија е меѓу последните земји во Европа, помалку вакцинирани од нас има само Бугарија.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
