Македонија
11. November 2026 - 10:30

Општина Центар додели 149 субвенции за возачка дозвола, младите добиваат по 10.000 денари

 Општина Центар продолжува со финансиската поддршка за младите кои сакаат да се стекнат со возачка дозвола од Б-категорија. Од почетокот на годината до крајот на октомври, вкупно 149 жители на општината добиле субвенција во износ од 10.000 денари за обука и полагање.

Градоначалникот Горан Герасимовски изрази задоволство од големиот интерес за мерката и ги повика сите млади кои ги исполнуваат условите да аплицираат.

-Ме радува што сè повеќе центарци ја користат оваа можност. Со субвенцијата од 10.000 денари помагаме на семејствата да ги намалат трошоците, а младите ги охрабруваме да станат одговорни и совесни возачи - порача Герасимовски.

Право на субвенција имаат лица родени во 2006, 2007 и 2008 година.

Од Општината информираат дека новина е можноста субвенцијата да биде исплатена и на трансакциска сметка на родител, а не само на сметката на барателот.

- За аплицирање потребно е да се достават барање за субвенција, копија од лична карта, копија од трансакциска сметка, доказ за извршена уплата во автошкола и доказ дека автошколата е регистрирана на подрачјето на Општина Центар.

Барањата се поднесуваат во архивата на Општина Центар, барака бр. 6, секој работен ден од 09:00 до 15:00 часот - велат од Општина Центар. 

МИА