Македонија
10. March 2023 - 12:28

Општина Штип да ја провери еколошката дозвола на фирмата која произведува мазут

Државниот инспекторат за животна средина по втор пат бара од општина Штип да ја преиспита Б-интегрираната еколошка дозвола доделена на штипска фирма која декларира дека произведува мазут, а како суровина користи отпадни гуми. Надзорот е извршен пред повеќе од еден месец, по добиено известување од Царинската управа, чии анализи на земените мостри од канистри покажале дека се работи за опасен отпад, токсичен за луѓето и околината.

- Направен е вонреден инспекциски надзор на ден 06.02.2023 –та година од страна на државен инспектор за животна средина и општински инспектор за животна средина при кој е констатирана состојбата- изјави Софче Трајкова, соработник за заштита на животна средина - ЛС - Штип.

Во известувањето стои дека, земјиштето каде се одвива производниот процес е наменето за пасишта, а во дозволата не се наведени граничните вредности на емиисии во воздух и предвидено мерење на Фурани и Диоксини, што е многу важно кога се работи за пиролиза на гума. Од О2 Иницијатива пак, потсетуваат дека, во јуни 2021 година, Државниот пазарен инпекторат доставил допис до колегите од животна средина за покренување на постапка за одземање на лиценцата, поради производство на продукт кој го декларираат како мазут, но не ги исполнува параметрите на ова течно гориво.