Македонија
20. May 2023 - 19:46

Општините не примаат доволно средства за противпожарните единици

Фискалната и административната децентрализација потребно е добро да се преиспитаат, смета штипскиот градоначалник, но и челните луѓе на останатите поголеми општини, а барањето ќе го достават преку ЗЕЛС до централната власт. За одредени институции, како Територијалните против пожарни единици, кои од Министерството за одбрана се дадени под ингеренција на локалните самоуправи, државата не го почитува критериумот за распределба на средствата, односно помалите општини добиваат повеќе во однос на поголемите.

- Ние како локална самоуправа со преземањето на надлежностите и децентрализацијата, сме одгворни за ТППЕ, но жално е тоа што средствата коишто ги добиваме како блок-дотации од година во година се се помали и не се доволни да се покријат ниту платите на вработените, а не да зборуваме за осовременување и инвестирање во единицата-изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.

Според Законот за пожарникарство, бројот на пожарникарите зависи од бројот на жители, односно на секој 1500 жители потребно е да има по еден пожарникар. Блок-дотациите мора да се исплаќаат по овој критериум, кој во моментот не се почитува, додаде Јорданов. Принудени се да издвојуваат дополнителни средства или да чекаат донации за единиците да бидат функционални, што дополнително ги преоптоварува и така скромните општински буџети.