Македонија
2. October 2019 - 19:54

Остатоци од масакриран коњ ја заглавија работата на прочистителната станица во Струмица

Остатоци од искасапен коњ ја закочија работата на станицата за прочистување на отпадни води во Струмица. Деловите од мртвото животно биле заглавени на влезната груба решетка од станицата. Според информациите од струмички Комуналец единствениот начин тие да стасаат до таму било преку канализационата мрежа бидејќи се работи за станица која ги прифаќа и прочистува единствено водите  од канализациониот систем во градот.

,, Во пречистителната станица доаѓаат исклучиво фекални води од градот Струмица. Значи таа ситуација може да претпоставиме што се случило, значи некој несовесен ја отворил канализационата шахта и ги фрлил отпадоците од масакрираното животно.,, вели Стојан Ефтимов – ЈПКД комуналец Струмица

Овој несекојдневен настан со кој од комуналното претпријатие во Струмица се соочуваат за прв пат, освен застој во работата на станицата предизвикал и сериозна материјална штета.

,, Работата беше застаната за да се отстранат остатоците. Тоа исто така не е само закочена работа, туку имавме предизвикано и материјална штета, дефекти на грубата решетка кај што беше застанато ова. Така да се уште кај нас не функционира едната страна, едната линија од прочистителната станица. Значи целта отпадна вода сега доаѓа оптеретување на другата страна на едната решетка само се додека не биде отстранет и направено целосен сервис на решетката.,, вели Ефтимов

За настанот веќе бил известен и општинскиот комунален инспектор кој понатаму треба да постапува за случајот. Во меѓувреме од ЈПКД Комуналец апелираат до граѓаните за совеснот и поодговорно однесување посебно во делот на користење на канализационата мрежа.