Откриена криминалната шема: Како се создавал опасниот отпад и на кој начин стигнал до Орман?
Олово, бакар, кадриум и други тешки метали содржи опасниот отпад кој половина година бил трупан во Орман, покажа лабораторискиот извештај. Одговорни се четири фирми и две физички лица од Желино.
Државниот инспекторат за животна средина ја откри криминалната шема како се создавал и на кој начин стигнал до скопско Ѓорче Петров.
Фирмата Таб Мак од Пробиштип која произведува оловни акумулатори при топење на старите создавала згура - опасен отпад кој требало да го даде на овластена фирма или да го извезе. Но, наместо тоа, го давала на втората фирма, Рецикл еко старт.
Таа иако немала дозвола ни да го прими отпадот, го земала и го преработувала. Со тоа добивала оловна паста и друг отпад. Пастата, преку третата фирма, Рецикл Еко трејд, била продавана назад во Таб Мак, а останатиот отпад, преку четвртата фирма, Сатус, бил носен во Орман. Таму бил истоварен во кругот на приватен плац, во сопственост на две физички лица. Тие имале договор со Рецикл еко старт, ама пред надлежните рекле дека не знаеле за штетноста на отпадот.
„На ТАБ-МАК веќе му е пратен записник за порамнување каде санкцијата му е 88 илјади евра. За Рецикл Еко Старт ќе се поведе кривична постапка. Другите две фирми ние ќе ги посочиме. Правеле трговија. Јавното обвинителство ќе постапува. Ќе ги види сите меѓусебни односи и ќе поведе соодветна постапка за сите фирми“ – Сретен Стојковски, директор на Државен инспекторат за животна средина
Стојковски вели дека отпадот итно мора да се исчисти и да се врати во Чучер Сандево. Депонијата беше откриена минатиот месец и се проценува дека тежи и до 600 тони. Станува збор за тешки метали кои можат сериозно да ја загадат почвата и водата и преку нив да стигнат до овошјето и зеленчукот.
Ако се внесат во организмот, според лекарите, ќе настанат сериозни пореметувања на буберзите и нервниот систем.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
