Loading Video...
Македонија
14. October 2026 - 16:52

Партиите си ја префрлаат вината – Кој го дозволи бегството на Ива Михаилова

Приоритет за Бугарија е лекувањето на Ива Михаилова, па државата потоа ќе решава за следните чекори.

Бугарската претседателка вели дека средбата со Михаилова ќе ја организира по нејзиното лекување.

Политичките партии во земјава и денеска си ја префрлаат вина.

СДСМ бара оставки, ВМРО-ДПМНЕ прашува дали планот за лекување на Михаилова во Бугарија бил на Филипче и Заев, за да му се оддолжат на Радев.

- „Од брат да ми е ќе одговара“ - до никој не одговара! Мицкоски го штити Тошковски. И обратно, Тошковски го штити криминалот на арамијата и Организираната криминална група. Сè што власта прави е фарса. Зад грбот на народот, под маса, „под радарот“ се договорија со Бугарија и ја пуштија Ива Михаилова преку граница. Наместо одговорност и оставка од Тошковски сега народот гледа театар. Се повикува амбасадорот на Бугарија, се распишува потерница, се бара притвор, префрлаат одговорност на некој друг, се тера медиумска кампања, криви им се Филипче, Заев, СДСМ, вели Кети Штерјова.

- За осомничената Ива Михаилова, која инаку е осомничена во кривично-правен настан, за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, криминалниот другар и доктор на Филипче и Заев, Иван Барбов, изготвил извештај на ден 19.03.2026 година, во кој јасно се наведува дека нејзиното понатамошно лекување мора да продолжи во соседна Бугарија. Потегот на бугарските власти кои на високо ниво ја пречекаа или пак ќе ја пречекаат во следните денови, Ива Михаилова, беше осудено од страна на македонските надлежни институции, но и од голем дел од политичките партии, само СДС и Филипче во ниту еден момент не ја спомнаа ниту Бугарија, ниту бугарските власти. На граѓаните веќе им е јасно дека СДС и Филипче одработуваат за источниот сосед, но дека ќе отидат толку далеку, искрено и ние не очекувавме, вели Валентин Манасиевски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Оставки и одгоровност бараат и од ЛДП.

- ЛДП повторно јасно порачува: Доста е од евтин политички театар, национал-шовинистички манипулации и префрлање на топката врз грбот на човечки трагедии. Ако премиерот, министрите и раководителите на безбедносните служби не можат да ја чуваат сопствената државна граница ниту да воспостават владеење на правото, најмалку што можат да сторат е да си поднесат оставки и да отворат приватна агенција за „VIP бегства без печат“. Време е за итна ревизија на целиот правосуден систем, пред државата целосно да ни се претвори во приватна агенција за бегалци, порачуваат во писмено соопштение.