Партиите со меѓусебни обвинувања за отстапувањето на ХЕЦ „Тиквеш''
Три месеци по почнување на градбата или три месеци по пуштање во функција на Чебрен – опозицијата прашува кога ќе биде отстапена хидроелектричната централа Тиквеш.
Во одлуката за избор на најповолен понудувач, Владата се повикала и на двете одлуки: и таа во која се вели дека се дава Тиквеш три месеци по почнување на изградбата и следната со која тој член се брише, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Разликата, според партијата, е скапа 100 милиони евра.
„Владата на Ковачевски повикот го спроведува на непостоечка одлука. Имено објавениот јавен повик во 2023 е врз основа на одлука која е изменета, односно во јавниот повик повторно се појавува ХЕЦ „Тиквеш“ како хидроцентрала која државата ја отстапува, иако не би требало да се појави бидејќи тој дел е избришан и променет од владата на Спасовски. Се поставува прашањето: Која од овие одлуки е важечката одлука по која е распишан повикот и добиен тендерот, кои услови се применувани, зошто се појавува различно толкување на отстапување или не отстапување на ХЕЦ Тиквеш? “ – Марија Митева, ВМРО-ДПМНЕ
Од СДСМ, пак, им вратија дека со успешната постапка заштедени се 100 милиони евра.
„Скандалозно, Владата на Никола Груевски и ДПМНЕ во 2013 година со Одлука го доделила Тиквеш на приватниот инвеститор, 3 месеци по добивање на одобрението за градба на ХЕЦ Чебрен. СДСМ, со измена на таа одлука го внесе Тиквеш во заедничка компанија 3 месеци по пуштање во работа на ХЕЦ Чебрен. “ –Ненад Коциќ, СДСМ
Владата пред два месеца даде концесија на грчки Архиродон за користење на водата на Црна Река за производство на струја, со изградба на хидроелектрични централи. Инвестицијата е тешка 1 милијарда евра.
Познавачите критикуваа дека со ова ќе се наруши енергетската независност на Македонија и повикаа овој проект да не се дава на странска компанија.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
