Македонија
23. August 2023 - 16:28

Пензинерите од Свети Николе го блокираа патот што води кон Скопје

Пензионерите од Свети Николе ги радикализираа протестите со едночасовна блокада на патот кој води кон клучката за автопатот кон Скопје и Куманово. Одлучни се да останат доследни во барањето за линеарно покачување на пензиите и да го свртат вниманието на надлежните институции.

- Досега не наидовме на разбирање, не сакаме 6%, туку бараме 3.500 денари на сите пензионери да им се покачи пензијата, во тоа нема да отстапиме-изјави Трајче Стаменков. пензионер од Свети Николе.

Во однос на Владината одлука за формирање на работна група за донесување на пакет мерки за заштита на пензионерскиот стандард, пензионерите сметаат дека треба да имаат свои претставници.

- Не може нивна група да се формира и на тој начин да се донесуваат одлуки, тоа не е фер- додаде Стаменков

Се противат на процентуалното покачување од причина што оние што земаат најмалку, губат најмногу.

- Јас и моја колешка отидовме заедно во пензија. Таа со 40 години стаж, а јас со 37 и пол годидини. Тогаш таа земаше 4500 денари повеќе, за сега после 6 години, таа да зема 32.000, а јас 22.000 денари. Значи таа земла двојно повеќе со процентуалното покачување- изјави Миле Кралевски, наставник во пензија од Свети Николе.

Пензионерите најавија дека идната среда ќе го блокираат автопатот кон Штип.