Македонија
20. September 2023 - 16:32

Пензионерите на протест, бараат повисоки пензии и оставки во Владата

„Ако има за вас, да има и за нас“ порачаа пензионерите кои од сите градови денеска се собраа на протест пред Владата. Остануваат на истите барања – 3.500 денари линеарно покачување и 18 илјади денари минимална пензија. Побараа оставка од премиерот Ковачевски и министерката за труд Тренчевска.

Ние сме многу хумани. Ние не сме себични како нив. Нивната себичност е што не сакаат да го слушнат нашето барање. Ние немаме оружје в раце, туку го имаме најголемото нешто – гласот. Нашиот глас одлучува кој ќе седи во овие фотелји позади нас. Да живее Република Македонија. Да живеат пензионерите“ – Верче Јанческа

Револтирани се оти функционерите кои земаат повисоки плати за 78% се правдаат дека во фондот нема доволно пари за да се исполнат барањата на пензионерите.

Кога може да земаат функционерите, од градоначалник до претседател на државата, 78%, тоа е срамно за државата“ – Исмаил Лика

Со ребалансот на буџетот ќе си ги качеле уште платите. А за нас, само 6%“ – Сузана Штоф

Побараа по скратена постапка да се донесе закон за повисоки пензии, по примерот на други закони кои експресно беа изгласани во Собранието.

И ова европско знаменце што го користат за нивни потреби, за криминални работи, за донесување на закони, така и со ова европско знаменце нека го донесат законот за линеарно покачување на пензионерите“ анкета

Министерката за труд и социјала се сретна со претставници на координативното тело. Им рекла дека работната група редовно одржува состаноци и следната недела ќе излезат со конкретни предлози.

Работната група работи на креирање на краткорочни и на долгорочни мерки за пензионерите. Повторно како и претходната година ќе бидат креирани антикризни-социјални мерки како краткорочно решение и се работи на измени на законот за пензиско осигурување со кое ќе се обезбеди повисока минимална пензија. Тоа е системско решение како и претходното со усвојување на новата методологијата за усогласување на пензиите, со која се обезбедува постојан раст на пензиите“.

Ако не им се исполнат барањата, пензионерите најавија радикализација на протестите и формирање нов сојуз бидејќи постоечкиот не им дава поддршка.

Од Пензионерскиот синдикат сметаат дека е потребно линеарно усогласување.

Минималната пензија изнесува 34 отсто од просечната нето исплатена плата, а доколку биде 45 отсто таа би изнесувала 16 437 денари. Просечната пензија која во овој момент е помала од минималната плата предлагаме да биде 60 отсто од просечна нето исплатена плата, односно истата да изнесува 21 916 денари“, велат оттаму.