Бизнис
15. October 2022 - 16:37

Почна грејната сезона во Скопје, некој малку некој воопшто не ги почувствува топлите радијатори

Утринава скопјани се разбудија со млаки радијатори. Грејната сезона официјално почна, но високите температури надвор го исклучија греењето во 9 часот утринава. Иако гас има само до крајот на месецот, надлежните уверуваат – ќе се грееме со парно цела сезона. Се преговара за набавка на гас по пониска цена од берзанската, но ако евентуално запре вентилот за испорака, топланите ќе работат на дизел.

„ Ние преговараме за склучување на 6 месечен договор за набавка на гас, по цена пониска од берзанската. Доколку има криза за природен гас во европски рамки, ние се подготвуваме да имаме и втора варијанта односно ги подготвуваме топланите Исток и Запад да работат на дизел гориво. Претходно работеле на мазут, но тој повеќе загадува и затоа се одлучивме за дизел гориво“, рече Васко Ковачевски, генерален директор на ЕСМ.

Иако греењето траеше помалку од 4 часа, голем број граѓани се пожалија дека воопшто не добиле парно.

  •  Котлите работат со полн капацитет, но утринава 105 згради останаа со ладни радијатори. ЕСМ проблемот го лоцира кај станарите, кои не обезбедиле пристап, односно имаат проблем со внатрешната инсталација.

Ковачевски апелира – за да има греење станарите да ги платат сметките за струја за станиците во зградите или да се направат потребните подготовки. За топланата Скопје СЕВЕР, каде се приклучени 500 тини домаќинстава – нема да има парно се додека не си ги платат ланскиот долг кон ЕСМ.  До сега немало иницијатива од оваа топлана, која во моментов е под стечај, да се најде начин како да продолжат со работа.

Министерот Бектеши пак уверува дека покрај парно, ќе има и струја за граѓаните и фирмите кои се на регулираниот пазар. Сите домашни капацитети ќе се стават во функција. Останувата на одлуката основните и средни училишта, како и комуналните претпријатија и 150 фирми од прехранбениот сектор да се вратат од слободниот на регулираниот пазар.

Вчера првиот човек на Регулаторна истакна дека доколку сите овие капаците се префралат на регулираниот пазар, значително ќе се зголеми цената на струијата за домаќинствата од 1 јануари следната година. Неговиот предлог е помош да има преку ЕСМ продажба.