Почна грејната сезона во Скопје, побарувачката на огревно дрво годинава помала од лани
Почна грејната сезона во Скопје. Топланите стартуваа со производство и испорака на топлинска енергија во 6 наутро, а запреа во 10 часот, велат од ЕСМ.
„Во овој момент нема дефект на централниот систем за греење со кој управува ЕСМ. По направениот дневен прекин на испорака на топлинска енергија, доколку надворешните дневни температури после 15 часот се под 15 степени се започнува со испорака на топлинска енергија, односно централното греење повторно се вклучува“.
Парно ќе има секој ден во временскиот интервал од 6 до 22 часот, во зависност од тоа колку ќе биде студено надвор. Цената засега останува иста, а Регулаторната комисија ќе носи нова одлука откако ќе биде поправен мостот Беласица и ќе се направи пресек на сите трошоци.
Во меѓувреме, граѓаните кои се греат на дрва веќе ги подготвуваат своите шпорети. Од „Национални шуми“ велат дека годинава има помала побарувачка на огревно дрво оти лани купувачите земале поголеми количини, па им останале залихи и за годинава.
„Мислам дека ланската година имаше екстремна побарувачка поради различни околности. Најавената енергетска криза, стравот кај граѓаните дека ќе нема доволно огревно дрво, стравот дека ќе нема доволно струја. Мислам дека лани граѓаните се снабдија повеќе со огревно дрво и затоа од 5 до 10% е намалена побарувачката на огревно дрво“ – Валентин Груевски, директор на ЈП „Национални шуми“
Според статистиката, лани дури 70% од домаќинствата се загревале на дрва.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
