Бизнис
15. јуни 2023 - 16:34

Почна штрајкот во УЈП, утре предупредувачки протест и во царина

Почна штрајкот на вработените во УЈП. Секој ден од 10 до 12 часот нема да ги извршуваат своите работни задачи, се до одржување на генералниот штрајк. За две недели се очекува целосна блокада на институцијата. 

Од Синдикатот револтирани - велат не бараме ништо плус, туку само да се испочитува она што беше договорено, односно законски им следува. 

„Во содржината на посочениот договор е утврдено зголемување на платите на вработените во Управата за јавни приходи, што е легитимно и основано согласно одредбите на член 66 од Законот за буџети. Во исто време таквата примена на посочениот член ја потврди и Собранието на Република Северна Македонија со давање на свое автентично толкување. Претходно работни групи делегирани од работодавачот и репрезентативната синдикалната организација Солидарност изготвија и заеднички ја прифатија содржината на новиот Колективен договор на ниво на работодавач“, се вели во соопштението на вработените.

Штрајкот доаѓа откако пред 2 дена вработените излегоа на предупредувачки протест пред Министеството за финансии. Бараа министерот да даде согласност за Колективниот договор, со кој би се золемиле платите за 30%. Но Бесими им порача дека парцијално решение, односно зголемување на платите само во една институција нема да го реши проблемот. 

Клучот за раст на платите го гледа во новиот Колективен договор кој ќе се однесува за цел јавен сектор и на кого се работи. Незадоволни од платите и неисплата на додатокот на плата, кој законски им следува, бараат и вработените во царинската Управа. Своето незадоволство утре ќе го искажат на предупредувачки протест во траење од половина час.