Македонија
17. January 2026 - 16:26

Покренато обвинение за помагачите на Саитов - ЈО предложи и продолжување на притворот

Обвинителството поднесе обвинение за маж и жена од Скопје кои му помогнале на Саит Саитов да ја напушти земјата по сообраќајката во скопски Капиштец.

По несреќата во која настрада 79 годишната скопјанка, на 9 јануари, двајцата со умисла му помогнале на Саитов и неговиот татко да ја поминат македонската граница, откако избегале од местото и не укажале помош.

-Со автомобил “Мерцедес” со скопски регистарски ознаки, мажот и жената дошле до домот на осомничениот веднаш по сообраќајната несреќа, го зеле заедно со неговиот татко и преку граничниот премин Табановце ги пренеле во Република Србија. Таму ги оставиле, по што помагачите се вратиле во земјава околу полноќ, стои во соопштението ОЈО.

Заедно со обвинението, поднесен е и предлог за продолжување на притворот за обвинетиот и куќен притвор за обвинетата. Како соизвршители им се заканува казна затвор од три месеци до пет години.

18-годишниот Саитов кој без возачка дозвола и со брзина која не била прилагодена на условите смртно ја прегази 79-годишната жена се уште е во бегство и се бара со меѓународна потерница.

Во исто време, обвинителството презема дејствија за испитување на евентуална одговорност и на други лица во овој настан.