Македонија
27. September 2023 - 16:36

Поради натрупани долгови Општината Кривогаштани остана без вода

Поради неплатени долгови за електрична енергија кон ЕВН од 2008 година па до денес, во висина од околу 10 милиони денари 5 населени места во Општина Кривогаштани со околу 5.000 жители повеќе од една недела се без вода. ЕВН им ги исклучила пумпните станици. Директорот на ЈП „Пелагонија“ вели дека имаат блокирана сметка од 2015 година токму поради овој долг. На ЕВН им понудиле да го вратат долгот на рати од по 100.000 денари месечно, но тие барале повеќе.

„Ова е земјоделски крај, каде луѓето работат цел ден в поле на 40 степени и кога ќе дојдат дома не можат да се измијат ни раце. Исклучена е и пречистителната станица во Кривогаштани. Исто така имаме и пречистителна станица во село Славеј. Со самото исклучување на електричната енергија отпадните води остануваат во шахтите и претекуваат на патот, тоа е извор на зараза“, вели Милорад Здравкоски, директор на ЈП „Пелагонија“.

Од друга страна од ЈП „Пелагонија“ велат дека овие се застарени долгови кои не може да се наплатат.

„Сега побарувањава што ги имаат доверителите, ако застарат 5 години и повеќе немаат право да ги бараат“, додаде Здравкоски.

Лути на целата ситуација се и жителите кои за вода се снаоѓаат со домашни бунари и хидрофори.

„Не може вака, не може на 10 дена да нема вода“, вели еден жител на Кривогаштани.

„10 дена има, 10 дена нема, притисок нема да се наполни ни соларно. Некогаш нема вода ни да се измиеш“, кажа друг жител.

„Во 40та – 50та година со црпки што се миеле народот, така сега“, револтирано истакна трет жител на општината.

Од ЕВН пак велат дека долгот бил стар над една деценија, а претпријатието во последните години речиси и да немало ништо платено. Им понудиле да плаќаат на рати, но тие одбиле. Засега останува нејасно кој и како ќе реши оваа ситуација каде најголема штета трпат граѓаните.