Пожар во фабриката Усје - Огнот брзо локализиран
Густ чад кој се издигаше од кругот на Цементарница “Усје” околу пладне ги вознемири жителите на Кисела Вода и Аеродром. Од противпожарната бригада на Град Скопје велат причината за ова бил пожар кој избувнал на електричната инсталација во ротациската печка во фабриката. За среќа нема повредени. Веднаш интервенирале 9 пожарникари со две возила.
-На лице место беше затекната опожарена индустриска постројка, гореа кабли поради високата температура и самиот процес на производство кој се одвива во тој дел од фабриката, изјави Ѕвонко Томевски, командир на територијалната противпожарна единица на Град Скопје.
За пожарот информираа и од Цементарница “Усје”, од таму велат дека истиот е изгаснат во најкраток рок, нема повредени, настаната е само материјална штета, најверојатно предизвикана од дефект на електричната инсталација. Усје ги информираше сите надлежни институции за случајот. Увидот ќе продолжи за финално да се утврдат причините, соопштија од компанијата.
Инаку само до пладне ова било четврта интервенција на скопските пожарникари. Претходно гаселе пожари во стамбен објект поради експлозија на клима уред, а имале пријава и за запалени фотоволтаици.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
