Преглед на вестите од светот
САД го повикаа Израел да биде „целосно транспарентен“ по смртоносниот напад врз училиштето на Агенцијата за бегалци на ОН во Газа. Очекуваме да бидат целосно транспарентни и да ги објават тие информации, изјави портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.
Израелската влада најави и ги објави имињата на луѓето кои загинаа во него.
Израелската војска (ИДФ) претходно соопшти дека извршила „прецизен напад“ врз базата на Хамас во училиштето на Агенцијата на ОН за Газа во Нусејрат, каде што биле собрани 20 до 30 терористи, од кои некои учествувале во нападот на 7 октомври во јужен Израел.
Шефот на УНРВА, Филипе Лазарини, претходно го обвини Израел дека без претходно предупредување извршил напад врз училиштето во Газа, каде, како што тврди, се засолниле илјадници раселени лица.
Во израелскиот напад на училиштето загинале најмалку 37 лица.
Руските противвоздушни сили ноќеска собориле вкупно 28 украински беспилотни летала над територијата на Руската Федерација, соопшти утринава руското Министерство за одбрана.
Руските системи за противвоздушна одбрана уништија украински беспилотни летала над Крим, Азовското Море, Краснодарската територија, Белгородската и Ростовската област, се наведува во соопштението.
Откако Русија го започна нападот врз Украина, на 24 февруари 2022 година, Москва речиси секојдневно соопштува за напади на украински дронови на границата и централните области, како и на Крим.
Францускиот претседател Емануел Макрон синоќа соопшти дека неговата земја ќе и испрати на Украина борбени авиони „Мираж“, а француската армија ќе ги обучува украинските пилоти.
Макрон повтори дека на Украина треба да и се дозволи да користи оружје обезбедено од нејзините западни сојузници за да ги напаѓа руските воени цели и да ги „неутрализира точките од кои земјата се напаѓа“.
Украина се бори да го запре неодамнешниот руски напредок во источните региони Харков и Доњецк.
Офанзивата има за цел да го искористи недостигот на муниција и војници во Киев долж линијата на фронтот од околу 1. 000 километри.
Грција, Данска, Пакистан, Панама и Сомалија ќе бидат следните пет непостојани членки на Советот за безбедност на ОН, во период од две години, што ќе почне од 2025 година.
Генералното собрание на Обединетите нации ноќеска ги избра петте нови членки, кои ќе ги заменат Еквадор, Јапонија, Малта, Мозамбик и Швајцарија во ова тело на Обединетите нации.
Советот за безбедност на ОН е единственото тело на ОН кое има моќ да донесува обврзувачки резолуции според меѓународното право. САД, Кина, Русија, Велика Британија и Франција се петте постојани членки на Советот, од кои сите имаат право да стават вето на која било одлука или мерка, а десетте непостојани членки на советот, секоја избрана на две години, имаат многу помало влијание.
Поранешниот премиер на Камерун, Филемон Јанг, е избран за нов претседател на Генералното собрание на ОН.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар