Loading Video...
Свет
17. December 2023 - 20:21

Преглед на вестите од светот

Русија нема интерес да војува со земјите од НАТО, изјави рускиот претседател Владимир Путин во интервју за државната телевизијата „Русија 1“. Целата организација на НАТО не може да не сфати дека Русија нема причина и нема интерес – ниту геополитички, ниту економски, ниту политички, ниту воен да војува со земјите од НАТО, рече тој. Путин кажа дека НАТО е дворот на САД и дека токму Соединетите Американски држави се сопственикот на оваа организација.

Илјадници жители на Газа чекаа ред за храна во Рафах, додека волонтери од Итна помош во Газа подготвуваа џиновска чорба. Светската програма за храна на ОН соопшти дека половина од населението на Газа гладува бидејќи израелскиот воен напад врз јужниот дел на енклавата се шири и луѓето се отсечени од снабдувањето со храна. Во меѓувреме, Израелската армија објави дека во текот на изминатите 24 часа погодиле околу 200 локации на Хамас во Појасот Газа и откриле подземни тунели на палестинската милитантна група во областа на училиштето на Агенција на Обединетите нации за палестински бегалци. Пребарани биле неколку станови што ги користел Хамас во градот Газа и пронајдени се огнено оружје, експлозивни направи и друга воена опрема.

Најмалку девет работници загинаа, а неколку други се повредени во експлозија што утринава се случи во фабрика за експлозиви во Нагпур, централна област во индиската држава Махараштра. Фабриката произведува индустриски и воени експлозиви, како и погони и боеви глави за индиската индустрија за специјални намени. Повредените се префрлени во најблиските болници. Полицијата се уште истражува што ја предизвикало смртоносната експлозија.

Папата Франциско денеска наполни 87 години. Својот роденден го прослави на прием во Ватикан, во детскиот диспанзер Санта Марта. Традиционално на забавата има деца кои пеат и танцуваат, потоа се изведува кратка циркуска претстава, по што следи ужина и на крајот молитва и благослов на папата. Италијанскиот претседател Матарела му го честиташе роденденот на папата и во име на сите Италијанци, со најискрени желби за добра и плодна работа на чело на Римокатоличката црква.