Преглед на вестите од светот
„Успеавме! Од 1.1.2026 година, Бугарија официјално ќе го усвои еврото“, изјави премиерот Росен Жељазков по денешните клучни гласања во Европскиот парламент и во Советот за економски и финансиски прашања на ЕУ на кои беше одобрено членството на Бугарија во Еврозоната од 1 јанаури идната година.
„Им се заблагодаруваме на сите институции, партнери и на сите чии напори го овозможија овој значаен момент. Владата останува посветена на непречен и ефикасен премин кон еврото во интерес на сите граѓани“, напиша премиерот на Бугарија на Х.
Европската комисија и Европската централна банка минатиот месец објавија дека најсиромашната земја од ЕУ ги исполнила строгите услови да стане 21-та членка на Еврозоната на 1 јануари 2026 година, заменувајќи го левот со еврото.
По топлотниот бран, Србија ја зафати силно невреме кое донесе намалување на температурата од 20 степени. Невремето проследено со пороен дожд и силен ветер најмногу ги погоди Белград и Нови Сад, каде се забалежани штети од паднати дрвја, бандери и срушени кровови. Во Белград се урна кран во едно градилиште. Во Нови Сад паѓаше и силен град, кој оштети неколку возила.
Студен бран од утрво ја зафати и Словенија. Донесе снег на врвовите Кредарица и Канин а на највисоката метеоролошка станица на Кредарица, во 10 часот беа измерени 0 степени Целзиусови. Експертите предупредуваат дека ваквите нагли промени и временски екстреми, од топлотни бранови до несезонски студ и снег, стануваат „новото нормално“.
Бројот на загинати од катастрофланите поплави во централен Тексас достигна 104 лица додека спасувачките тимови продолжуваат со потрагата по над 40 исчезнати. Во потрагата учествуваат над 1000 спасувачи а помогаат и волонтери и локални жители. Гувернерот на Тексас Грег Абот предупреди дека најавените врнежи во наредните денови повторно би можеле да доведат до поплави опасни по живот, особено во веќе поплавените области.
-
Емилија Штерјов
Сите содржини од овој новинар