Македонија
26. November 2026 - 16:31

Пријавувањето кај матичен за доброволно дарување органи за трансплантација „чека” на подзаконските акти

Граѓаните кои доброволно сакаат да донираат органи за трансплантација се уште не можат да се пријават кај матичниот лекар. Иако законот е донесен усогласувањето на подзаконските акти “го кочат” процесот кој требаше да стартува пред два месеци. Од министерството велат дека постапката е во завршна фаза, но не прецизираат кога ќе профункционира.

Во меѓувреме почнаа да се применуваат другите законски измени - органи да можат да даруваат и братучеди односно роднини од четврто колено. Медицински веќе се подготвени два пара.

- Законот е донесен, подзаконските акти се во интерресорско усогласување за да може да се применуваат, но еве според новиот закон имаме проширување до четврто колено и имаме медицински спремни парови и чекаме одобрување, изјави проф. д-р Билјана Кузмановска, Национален координатор за трансплантација.

Во моментот околу 160 пациенти чекаат бубрег од починат донор. Од нефрологија ги повикаа сите бубрежно болни на кои се кандидати за трансплантација да се пријавуваат во посебната амбуланта на Клиниката за да се извршат сите потребни испитувања и да бидат ставени на листата.  

Од друга страна за да се зголеми бројот на трансплантации од Здружението “Нефрон” предлагаат да се овозможи и вкрстена трансплантација.

- Како на пример мајка сака да дарува бубрег на своето дете, меѓутоа типизациите не одговараат, имаме маж поточно жените пшовеќе даруваат органи на мажите и тука не одговараат, меѓутоа вкрстено одговараат и во ист моменбт се прават две експлантации и се прават трансплантациите, засега тие вкрстени трансплантации се вршат надвор од државата од повеќе причини зошто треба да се створат повеќе пред услови, да има доволно болнички кревети и повеќе тимови, изјави м-р Душко Ѓоргиев, претседателот на Здружението ‘‘НЕФРОН’’.

Инаку трибините за значењето на органодарителството се подржани од сите верски заедници во Македонија.